Прифатен центар за странци или бегалски камп: Што точно ќе се гради во скопско Бардовци?

1187

Документите кои неколку дена се споделуваат на социјалните мрежи, а на кои се гледа дека Aгенцијата за планирање на просторот работи на план за изградба на прифатен центар за странци, се автентични. Информацијата за Канал 5 ја потврдија одговорните во Агнецијата… Велат дека тие како орган надлежен за просторното планирање, само спроведуваат налог кој го добиле од Владата, на почетокот од годината..

Одлуката била објавена и во Службен весник во јануари.

,,Ве информираме дека согласно годишната програма на Влада од 2018 година, агенцијата за планирање на просторот е во почетна фаза на изработка на Државна урбанистичка планска документација за прифатен центар за странци во Република Македонија.”

Прифатниот центар, според документите е во близина на селото Бардовци, тоа е лоцирано е во близина на обиколницата и на само 2 километри од аеродромот Стенковец. Местото сега е заградено со бодликава жица и висока ограда, а внатре има повеќе напуштени објекти.

Ова е локацијата каде според агенцијата за просторно планирање, наскоро ќе никне прифатен центар за странци. Деталите не се познати, освен дека се работи за дваесетина објекти и хангари распослани на неколку илјади квадратни метри

Центарот ќе биде во надлежност на МВР. Од таму објаснуваат дека станува збор за изградба на нов објект кој ќе го замени постоечкиот прифатен центар за странци, кој од 2005 година се наоѓа во Гази Баба. Парите ги добиле од ИПА фондовите.

,,Во моментов прифатниот центар е сместен во објект во општината Гази Баба кој што првично имал сосема друга намена и е целосно некомпатибилен со намената за која веќе повеќе од 13 години, се користи. Република Македонија е должна да обезбеди соодветни стандарди на сместување на странци кои ги исполнуваат условите да бидат сместени во објект од ваков карактер.”

Клучната дилема, која во јавноста предизвика бура од реакции, низа шпекулации, па и ширење на паника, е дали прифатен центар за странци е исто што и бегласки камп.

Јасмин Реџепи од невладината Легис, која долги години се занимава со миграциите, е дециден дека разликата е драстична..

За ширењето на лажните вести во голема мера придонесоа и државните органи, кои ненавремено и нецелосно ја информираа јавноста, создавајќи дополнителна и непотребна конфузија.  Дополнителна забуна предивзикаа и изјавите на надлежните кои Центарот за странци на МВР го поистоветија со Дом за бездомни лица во Визбегово, кој е во надлежност на Министерството за труд и социјала.