Француските медиуми ги распарчија „галските петли“: Каков срам – епска шпаканица!

862

Ракометната суперсила Франција за само четири дена си ги спакува куферите и ќе се врати во својата земја посрамотена и со монументална шлаканица од ракометното Европско првенство, коментираат жестоко угледните француски медиуми, после елиминацијата на „триколорите“ со два порази во Трондхајм (Норвешка).

Иако Франција дојде како еден од главните фаворити за круната, наместо битка за трофејот, директен пласман на ЛОИ во Токио, доживеаа невиден срам, па првпат во историјата им се случува да не успеат да ја минат првата фаза на едно ЕП. Со Никола Карабатиќ во тимот, без оглед на подмладувањето, Франција беше фаворит, а се покажа како – второкласна селекција. Последен пат кога не минале прва фаза е далечната 1978 на СП во Данска, кога „триколорите“ трипати загубиле – од Романија, Источна Германија и Унгарија.

„Разбиени и елиминирани! ‘Сините’ добија епска монументална шлаканица“, пишува „Ле Фигаро“, додавајќи: “Трета година без трофеј. Ова ЕП е кошмар. Доживеавме елиминација по само два меча“.

Најугледниот спортски весник „Л’Екип“ посочува на срамот и историскиот дебакл.

„Катастрофалното сценарио бе е избегнато. Каков срам! Првпат во историјата не одиме во втора фаза. „Триколори“ – тука е крајот!“, потенцира „Л’Екип“.

За „Ле Паризиен“ овој историски срам е – крај на една ера!

„Франција остана без славата. Пораз без душа од Норвешка. Никола Карабатиќ и другарите елиминирани од Евро 2020“, пишува овој весник.

Франција е домаќин на олимпискиот турнир за три месеци на кој „триколорите“ ќе треба да се соземат за да ја спречат катастрофата. Французите доминираа во светскиот ракомет во изминативе две децении освојувајќи две олимписки злата, пет светски круни и три европски титули од 2001 година наваму. Олимписки победници беа во Пекинг во 2008 и во Лондон 2012, пет од шесте светски круни ги освоија во 2001, 2009, 2011, 2015 и 2017 година (беа претходно шампиони во 1995), а европските титули ги освоија во 2006, 2010 и 2014 година.