Франција под клуч: Смее да се излегува само во итен случај, парижаните ги испразниле продавниците и брзо го напуштиле градот, колона од 700 километри

146

Во Франција на сила денеска стапуваат мерки за спречување на ширење на коронавирусот, меѓу кои е и заклучувањето, задолжително работење од дома и излегување само во итни случаи.

Поради повторното заклучување на земјите, во продавниците во четвртокот се создале метежи, а меѓу најбараните производи биле тестенини и тоалетна хартија, но и тонери за печатење и електронски делови за работа од дома.

Мерките ги најавил премиерот Жан Кастекс, кој рекол дека се знаело дека доаѓа втор бран на коронавирусот.

Тој рекол дека училиштата ќе бидат отворени, но дека учениците од шест години и постари ќе мора да носат маски.

Граѓаните ќе може да ги напуштаат домовите само за купување на производи, носење на деца во училиште и за одење на работа која не може да се работи од дома, како и за одење во болница или аптека.

Исто така, ќе може да се излегува за шетање на куче, но тоа е ограничено на еден час и на оддалеченост на еден километар од дома.

На погреби е дозволено присуство до 30, а на свадби до шест лица.

Пред целосното затворање на земјата, околу Париз се создале големи метежи, а колоните од возила со луѓе кои заминувале од градот се простирале дури 700 километри во регионот на градот.

Како што се наведува, многу граѓани на Париз одлучиле периодот на карантинот, кој ќе трае до 1-ви декември да го минат надвор од градот, и се додава дека слична ситуација се случила во март, за време на првиот бран.

Во четвртокот во Франција биле потврдени нови 47.637 случаи на коронавирус, како и 250 смртни случаи.