Европа има одговор на американските, руските и кинеските „стелт“ летала: Ова е навистина импресивно!

761

Airbus го откри својот таен проект – „стелт“ беспилотно летало кое го носи називот LOUT (Low Observable UAV Testbed). Станува збор за летало кое има импресивни „стелт“ карактеристики на сите нивоа.

Од Airbus велат дека германското LOUT е летало во фаза на тестирање кое е развиено со холистички пристап на „стелт“ технологиите, со цел да се постигнат трите домени на способност кои ниско видливите (LO – low observable) платформи мора да ги имаат.

Тоа се намалена радарска, визуелна, инфрацрвена и звучна видливост, потоа способност за употреба на електронски против мерки, како и способност за управување со емисиите со цел да се намали откриеноста на сопствените сензори.

Кога станува збор за самиот облик на ова летало, LOUT нуди нешто навистина интересно – дијамантен облик кој е избран меѓу почетните 11 платформи.

LOUT го краси мултиспектрална прикриеност (да не кажеме невидливост), има интегриран млазен потисник, а од Airbus и натаму истражуваат многу “LO” компатибилни векторски потисници и можност за ладење на структуралните делови на леталото за уште повеќе да се намали видливоста во инфрацрвениот спектар.

LOUT располага со интересен дизајн на издувите на моторот кои оставаат многу мала трага кај радарите, дизајн на рабови со ултра ниска видливост и канал направен од структура која ги апсорбира радарските сигнали. Секако, леталото е премачкано со посебни слоеви кои оптички се транспарентни и струјно проводливи.

Ова беспилотно „стелт“ летало кое е европски одговор на американските, руските и кинеските летала од ваков тип, посебно на најнапредните американски кои се без конкуренција, досега беше таен проект.

Моментално се тестира на тлото каде што е откриено дека има исклучително мала радарска видливост. Неговите технологии наскоро би можеле да бидат искористени и во некои идни проекти, вклучувајќи го и FCAS, односно француско-германскиот проект Future Air Combat System кој во основа е проект од 6-та генерација на „стелт“ борбен авион наменет да ги замени Rafale и Eurofighter авионите кога ќе дојде време за тоа.