Само 0,01 процент од Израелците се заразиле откако ја примиле вакцината на „Фајзер“

61

Прелиминарните резултати споделени од израелски ХМО Макаби покажуваат дека само 20 лица од 128.000 кои ги примиле обете дози на вакцината на „Фајзер“ биле заразени со коронавирус, пишува „Ројтерс“.

Помалку од 0,01 процент од Израелците кои ја примиле вакцината на „Фајзер“ против коронавирус се заразиле по повеќе од една недела откако ја примиле втората доза, пишува „Ројтерс“.

Израел во моментов е меѓу светските лидери кога станува збор за вакцинација против коронавирус. Граѓаните почнале да ги примаат првите дози на 19 декември.

„Од 20 заразени лица, 50 проценти страдаат од хронични заболувања. Сите пациенти имале лесни симптоми, вклучувајќи главоболка, кашлица, слабост или замор. Никој не беше хоспитализиран ниту имаше температура над 38,5 степени. Повеќето пациенти беа тестирани на коронавирус поради контакт со некој кој веќе е позитивен на вирусот, се вели во официјалното соопштение за печатот.

Повеќе од 2,6 милиони Израелци примија една доза, а околу 1,2 милиони ги примија двете дози. Израел има нешто повеќе од 9 милиони жители.