ЕУ предлага центри за мигранти на Балканот и во Африка

431

Неколку лидери на Европската Унија го поддржаа планот за воспоставување на прифатни центри за мигранти во северна Африка и на Балканот. Во тие центри би се утврдило дали мигрантите имаат право на азил или не, пренесува Асошиејтед прес.

Во време на зголемени тензии околу приемот и прераспределбата на мигрантите во европските земји, во Брисел денеска се одржува мини-самит на 16 земји од ЕУ во обид да се изнајде „европско“ решение за овој проблем.

Според податоците на Обединетите нации, 40.000 мигранти преку море стигнале во Европа, од кои 16.000 во Италија, 12.000 во Грција и 12.000 во Шпанија. Поттикнати од договорот со Турција со кои е намален приливот на мигранти во Европа, лидерите на ЕУ сега разгледуваат можност за отворање на центри во северна Африка односно во Алжир, Египет, Либија, Мароко, Нигер и Тунис и на Балканот во Албанија.

Мини-самитот претставува подготовка за самитот на лидери на ЕУ на 28 и 29 јуни на кој, според првичните оценки, не се очекува конечен договор за решавање на проблемот со мигрантите поради несогласувања меѓу членките.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, денеска изјави дека не очекува решение на ниво на цела Европска Унија.

„За жал знаеме дека нема да имаме целосно решение за мигрантското прашање. Поради тоа ќе имаме билатерални и трилатерални договори за тоа како можеме да си помогнеме едни на други, а не секогаш да чекаме на сите 28 земји членки туку да размислуваме на тоа што кому е важно“, рече Меркел.