Ердоган прогласи победа: Нацијата ми даде одговорност!

754

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во првиот круг на вчера одржаните претседателски избори на кои што според се уште неофицијалните резултати, освои нов мандат.

„Нацијата ми ја даде одговорноста за претседавање и извршната должност“, изјави 64-годишниот Ердоган во говорот пред своите приврзаници во Истанбул.

Тој прогласи победа на Народниот сојуз, изборната коалиција на неговата Партија за правда и развој и малата Партија на национално движење на парламентарните избори, наведувајќи дека имаат парламентарно мнозинство од 600-те пратенички места.

„Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите и да ѝ наштети на демократијата, со цел да го сокрие сопствениот неуспех“, изјави Реџеп Таип Ердоган.

Портпаролот на главната опозициска Народна републиканска партија, Билент Тезџан сепак тврди дека е прерано да се прогласи победа на Ердоган, затоа што гласовите од најголемите турски градови се уште не се пребројани. Тезџан повикувајќи се на податоците на неговата партија, порача дека во Турција ќе има втор круг.

Од друга страна, портпаролот на турската влада Бакир Боздаг изјави дека Ердоган победил на претседателските избори откако прелиминарните резултати покажале дека тој води, после повеќе од 95% од пребројаните гласови. Боздаг на Твитер порача дека турскиот народ го избрал Ердоган за претседател на Турција, кој што ќе ги извршува овластувањата според новиот систем.

Според резултатите од 95,1% од пребројаните гласови, Ердоган има освоено 52,8% од гласовите, а кога станува збор за резултатите од парламентарните избори, партијата на Ердоган освоила 42,68%, после преброени 95,2% од гласачките ливчиња.

Главната опозициска партија, Народната републиканска партија освоила 22,55% од гласовите, додека Партијата за национално движење добила 11,28% од гласовите. Про-курдската Народна демократска партија добила 10,94% од гласовите, што значи дека е над цензусот од 10% за влез во Парламентот.