Ердоган: „Турција во Црното Море пронајде најголеми резерви на природен гас во својата историја“

584

„Господ ни отвори една врата на друго место, и тоа во невидливо богатство. Турција во Црното Море пронајде најголеми резерви на природен гас во својата историја“, нагласи Ердоган

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција во Црното Море пронајде најголеми резерви на природен гас во својата историја, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган во својата работна канцеларија во палатата „Долмабахче“ во турскиот град Истанбул одржа прес-конференција која беше најавена претходно.

Турскиот претседател нагласи дека енергетиката, покрај тоа што е основниот елемент за развој, има голема важност во осигурување на националната независност

„Зад толкуте игри кои се играат на Источниот Медитеран, стои борбата за споделување на енергетските извори“, рече Ердоган.

Според него, глобалниот нехуман поредок кој една капка нафта ја смета за повредна од човечката крв која се прелева, сѐ уште го продолжува своето владеење.

„Господ ни отвори една врата на друго место, и тоа во невидливо богатство. Турција во Црното Море пронајде најголеми резерви на природен гас во својата историја“, нагласи Ердоган.

Тој рече дека нивните сондажни и сеизмички истражувања ниту во најмала мерка не зависат од странските елементи.

„Нашиот брод за сондажа „Фатих“ откри резерва на природен гас од 320 милијарди кубни метри“, додаде тој.

Ердоган истакна дека оваа операција ја реализирале целосно со националните можности, и дека слична добра вест очекуваат и од Медитеранот.

„Одлучни сме енергетското прашање на нашата земја да го решиме од самиот корен“, нагласи Ердоган, и додаде:

„Немаме претензии на било чии права, но никому нема да му дозволиме да ги загрозува нашите права и така продолжуваме по патот кон нашите цели.“

Според Ердоган, денес ќе им остават важно наследство на идните генерации.

„За нас нема одмор и запирање сѐ додека не дојдеме до позиција на нето-извозник во енергетиката. По откритието во Гасното поле во Сакарја, веруваме дека пред нас веќе стои уште посветол пат“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.