Египет има нов главен град од 45 милијарди долари, а еве како изгледа

705

Претседателот на Египет Абдел Фатах Ел Сиси ѝ нареди на својата администрација наредниот месец да почне да ги сели канцелариите во новиот административен главен град во пустината во близина на Каиро, изјави неговиот портпарол.

Претседателот ѝ нареди на владата да почне шестмесечен пробен период на работа од новиот комплекс од 1 декември, рече неговиот портпарол Басам Ради.

Градот е најголемиот од мега-проектите кои Ел Сиси ги најави кога дојде на власт во 2014 година. Се гради на 45 километри источно од Каиро и е скоро два пати поголем од главниот град. Се планира овој град да прими 6,5 милиони луѓе.

Критичарите го нарекоа новиот главен град суетен проект, сметајќи дека парите вложени во него, проценети на околу 45 милијарди долари, можеле да бидат употребени за опоравување на економијата и средување на Каиро.

Но, владата смета дека е потребен нов град да ја апсорбира растечката популација на Каиро која се проценува дека ќе се удвои на 40 милиони луѓе до 2050 година.

Претседателот исто така рече дека новиот главен град и другите проекти – од нови патишта и станбени комплекси до проширувањето на Суецкиот канал привлекуваат инвеститори и отвораат работни места.

Во новиот административен главен град ќе биде претседателството, владата, парламентот и министерствата.

Планерите ветија голем јавен парк, аеродром, зграда на операта, спортски комплекс и 20 облакодери, меѓу кои и највисоката зграда во Африка, висока 345 метри.

Државниот весник Ал Ахрам објави дека владата планира да префрли 52300 јавни службеници во новиот главен град до средината на 2020, но плановите беа одложени поради пандемијата на коронавирус.