Светски лидери испратија пораки на поддршка до Венецуела и понудија итна помош

89

По двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела и предизвикаа големи разурнувања, со пораки на сочувство и конкретни понуди за помош се огласија повеќе светски лидери.

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сочувство до погодените семејства и порача дека САД се подготвени веднаш да помогнат. Тој истакна дека ги задолжил сите надлежни американски институции да се подготват за брза реакција, додека Стејт департментот соопшти дека веќе мобилизира тимови за спасување, медицинска помош и хуманитарна поддршка.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди, исто така испрати порака со сочувство, нагласувајќи дека Индија е подготвена да ја обезбеди сета можна помош за Венецуела. Вршителката на должноста претседател Делси Родригез јавно му се заблагодари за изразената солидарност и понудената поддршка.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум соопшти дека веќе дала насоки за подготовка на неопходната помош. Според неа, венецуелските власти побарале специјализирани спасувачки и медицински тимови, а Мексико е подготвено да одговори на тоа барање.

Претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, објави дека 300 спасувачи и болничари, заедно со околу 50 тони опрема, лекови и основни хуманитарни средства, се подготвени да заминат кон Каракас.

Поддршка и понуди за испраќање спасувачки екипи, медицински персонал и хуманитарна помош пристигнаа и од Колумбија, Бразил, Еквадор, Чиле и Доминиканската Република, додека Европската Унија активираше сателитски систем за проценка на штетите и најави подготвеност за дополнителна помош. Германија, пак, понуди транспортни воени авиони за поддршка на спасувачките операции.

Според последните информации, во разорните земјотреси загинаа најмалку 32 лица, над 700 се повредени, а илјадници спасувачи продолжуваат со потрагата по преживеани под урнатините. Венецуелските власти прогласија вонредна состојба, додека меѓународната заедница продолжува да ја координира испораката на итна помош.

https://youtube.com/watch?v=5c_vXaE1wvE%3Ffeature%3Doembed