Добрина која работи во Германија како негувателка ќе доби 42.000 евра: Морав да ѝ бидам 24 часа на располагање, немаше слободни денови

631

Стотици илјади жени од Источна Европа се грижат за германските сениори во нивните домови. Тие се постојано достапни, иако се платени само за неколку часа дневно. Добрина Д. покрена тужба.

Готвење, перење, чистење, давање лекарства, купување, пеглање. Клиентот се придружува кога оди на лекар, на кафе, навечер дома.

Како негувателка во Германија, Добрина Д. имаше полни раце работа. Нејзиниот работен ден беше далеку од завршен и по пораката „за добра ноќ„. Бугарката често мораше неколкупати да станува навечер за да промени пелени или да даде лекови.

Добрина Д. ѝ беше постојано на располагање на 96- годишната германска старица. Всушност Бугарката живееше кај неа.

„Морав да ѝ бидам 24 часа на располагање. Немаше слободни денови и немав воопшто време за мене,” вели Добрина Д. Денес таа има 69 години и е вратена во Бугарија.

 

Сѐ уште ѝ се свежи сеќавањата на 2015 година, кога започна да се грижи за старицата во Берлин: „Мојата агенција ме прелажа“.

Според договорот со нејзината посредничка агенција од Бугарија, Добрина Д. требало да работи само шест часа на ден и за тоа да биде платена 950 евра нето.

Таа покрена тужба во Германија и доби позитивна пресуда: работодавачот мора да ѝ исплати 42.000 евра. Според првостепената судска одлука оваа сума е соодветна на достапноста од 24 часа која треба да биде наградена најмалку со минимална плата. Бугарската агенција поднесе жалба.

Јустина Облачевич од геманското здружение на синдикати (ДГБ) е „неверојатно возбудена“ од одлуката. Со години ги советува луѓето од Полска, пред сѐ жените кои живеат во Берлин и кои според проценките се ангажирани како негувателки за околу 300.000 германски сениори.

Приказни како оваа на Добрина Д. слуша речиси секојдневно. „Многу се радувам дека конечно некој се охрабри да тужи,“ вели Облачевич. Има многу причини зошто ова се случува дури сега, иако со години има поплаки. Негувателките се во Германија кратко време, целосно се преокупирани, слабо зборуваат германски и не си ги знаат правата.

Многу од нив се плашат од отказ. Гласините дека незадоволните се ставаат на еден вид „црна листа“ и никогаш повеќе нема да бидат ангажирани, им се познати на сите во браншата. ДГБ и Облачевич ја поддржаа Добрина Д. на суд. Тие се надеваат дека многумина можеби ќе го следат нејзиниот пример.