Девојката која падна на бина позади Шилегов во негова одбрана: Користат нечија здравствена состојба со намера да го оцрнат Петре Шилегов

83

Завчера на конвенција на актуелниот и кандидат за иден скопски градоначалник, Петре Шилегов, се случи немил настан, кога една од кандидатките за советници во град Скопје, падна на бината, додека Шилегов држеше говор.

На социјалните мрежи, Шилегов беше цел на осуди, бидејќи кратко се заврти назад, а потоа го продолжи својот говор, додека присутните и помагаа на девојката да дојде при свест и ја тргнаа надвор од настанот.

Порталот Независен, објави интервју со Дина Спировска, која е кандидатка за советник од СДСМ за Советот на Град Скопје.

Дина е родена скопјанка, потекнува од Општина Центар и е член на СДСМ од 2009-тата година и се наоѓа на 17-тата позиција на листата за Совет на Град Скопје од СДСМ.

-Се надеваме дека си подобра од вторникот, кога се случи настанот при промоцијата на Шилегов за кандидат за градоначалник на Град Скопје. Што се случи конкретно?

-Многу подобра, ви благодарам. Изминатиот период беше малку напорен за мене, имав прилично многу приватни и работни обврски, па заморот си го направи своето.

За жал, како по некое непишано правило, во најнесоодветен момент, организмот го вклучи црвениот аларм.

По консултација со медицински лица, соодветна терапија и мал одмор сум подготвена да продолжам од таму каде што застанав.
-Како се чувствуваш денес, како се справуваш со последиците од падот?

-Се чувствувам одлично и подготвена да го дадам најдоброто од себе. Искрено, не ми е сеедно во поглед на коментарите од противниците, кои се крајно невкусни и користат нечија здравствена состојба со намера да го оцрнат Петре Шилегов како личност, а и нашата советничка листа.

Настан од таков карактер мора да биде професионален, без разлика што може да се случат и вакви непредвидливи и несакани моменти.

Јас ќе бев разочарана ако непотребно го прекинеше говорот, со оглед на тоа што инстантно се погрижија за мене другите советници, а и од причина што според мене општото добро е пред личното.