Детали од филмската кражба во Тирана: Еден од бандитите кои украдоа 10 милиони евра има неверојатно досие

1937

Албанските власти го идентификуваа мажот кој полицајците го убиле за време на кражбата на пистата на аеродромот во Тирана, утврдувајќи дека станува збор за сериски ограбувач на банки во Албанија и Грција.

Убиениот криминалец Адмир Муратај бил еден од тројцата криминалци кои што доцна во вторникот, во кражба со сценарио како во холивудските филмови, упаднаа на пистата на аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана и успеаа да украдат 10 милиони евра од блиндирано возило.

Блиндираното возило требало да ги префрли парите до авионот на “Austrian Airlines”, открива албански “ORA TV”, додавајќи дека сега полицијата трага по преостанатите двајца криминалци кои што побегнале со сума од 2,5 до 10 милиони евра.

Овие пари албанските банки ги пренесувале во Австрија, нешто што е вообичаена пракса. Според локалните медиуми, за време на грабежот криминалците користеле пушки и рачни гранати. Подоцна биле пронајдени и два изгорени автомобили кои што веројатно ги запалиле криминалците пред да побегнат.

По убиениот Муратај албанските власти веќе подолго време трагале поради три грабежи во банки во Албанија во кои според проценките на албанската полиција, тој украл вкупно седум милиони евра.

Грабежот во вторникот бил негов втор грабеж на аеродромот во Тирана. Имено, тој исто така учествувал и во нападот и грабежот на блиндирано возило кое пренесувало пари во близина на аеродромот во 2015-та година, а во 2017-та година учествувал и во грабеж на железничката станица во Тирана.

Муратај во 2013-та година побегнал од грчкиот затвор во Трикала каде што отслужувал затворска казна поради повеќе кражби. Се претпоставува дека користел најмалку 13 различни идентитети во Албанија и Грција.

Инаку, за време на филмскиот грабеж, патниците се наоѓале во авионот “Airbus A320” кој требало да полета кон Виена, а локалните медиуми пренесуваат дека тие не биле во опасност. Авионот потоа пристигнал во Виена со задоцнување од два и пол часа.

После инцидентот, портпаролката на австриската авиокомпанија “Austrian Airlines” соопшти дека компанијата веднаш ќе го прекине транспортот на пари од Тирана во Виена.