Ден по протестите, Париз изгледа вака: Елисејските полиња опустошени, скршени излози…

847

Ден по насилните протести во Париз, славната авенија Елисејски полиња е во хорор состојба – со антивладини графити по ѕидовите и скршени излози на луксузни продавници – додека демонстрантите за сабота планираат и “трет чин” од протестните акции против зголемувањето на цените на горивата.

Во авенијата во која се наоѓа и претседателската палата, демонстрантите во текот на протестот во саботата по ѕидовите оставиле пораки како “Доле држава, полицајци и фашисти”, “На оружје”, “Шампион во светот на данокот”, пренесуваат француските медиуми.

Во текот на судирите меѓу полицијата и “жолтите елеци” како што се нарекуваат демонстрантите во флуоресцентни елечиња, учесниците на протестите за баракади користеле градски мобилијар – канти за ѓубре, столчиња, маси и чадори од терасите на кафулињата и се друго со што можеле да се послужат за таа цел.

Според најновите податоци на Управата на париската полиција, 101 лице било задржано во полиција во протестите, во текот на кои 24 лица биле повредени во престолнината, меѓу кои и пет полицајци.

Ден по протестите, во кои учествувале околу 100.000 луѓе, “жолтите елеци” денес објавиле дека планираат да организираат и “трет чин” на протести следната сабота.

На официјалната страна на “Жолти елеци” на Фејсбук, денес биле најавени протести за идната сабота, 1-ви декември, за кои повеќе од 50.000 корисници на популарната социјална мрежа веќе искажале интерес, а местото на собирање е, повторно, Елисејските полиња.

Владата, во меѓувреме, не се откажува од својата цел и го потврдува зголемувањето на данокот на горивото.

Претседателот Емануел Макрон го осудил насилството на демонстрантите, порачувајќи дека во “Републиката нема место за такво насилство”.

“Нека се срамат оние кои ја нападнаа полицијата и оние кои биле насилни кон другите граѓани…Во Републиката нема место за такво насилство”, напишал Макрон на Твитер.