Ден на жалост во Велес – погребани трите деца што загинаа во пожарот

902

Телата на трите деца кои изгореа во страшниот пожар во Велес денеска беа погребани – Теона која за десетина дена требаше да наполни една година, Петар кој имаше две години и Драгана четири години настрадаа во пожарот кој ја зафати нивната трошна куќа во местото викано Вршник над Велес. Биле сами дома и заклучени, додека родителите отишле да пазаруваат до продавницата која е оддалечена 40 минути од непристапното место во шумата каде што живеја.

Трагедијата го шокираше не само Велес туку и цела Македонија.

Советот на општина Велес синоќа донесе одлука за помош на семејството за еднократна парична помош од 100 илјади денари и обезбедување гробно место од 13 илјади денари. A 19 годишниот син Стефан Антониевски од првиот брак на Марина, ќе биде вработен во ЈКП „Дервен“ во Велес.

Родителите пак на трите деца вчера беа децидни дека е предоцна за било каква помош.

Вчера заврши и увидот на обвинителството и полицијата,а детали од истрагата се најавуваат во наредните денови.

-Увидот заврши вчера, рано е да има било што сеуште. Писмениот извештај од обдукцијата не е стигнат. Рано е многу за било што да коментираме – изјави за 1Тв Гордана Тодоровска в.д.јавен обвинител од ОЈО Велес.

И од СВР Велес велат дека од истрагата сеуште нема детали, прибрани се сите докази и за неколку денови очекуваат расплет на случајот.

Сомнежите дека пожарот е подметнат и човечки фактор е во игра сеуште се на маса. Истражните органи велат дека има претпоставки, но за да се поднесе кривична пријава треба да се обезбедат докази.

Родителите поради погребот денеска не биле во полиција. А дознаваме дека на распит бил и поранешниот сопруг на Марина, таткото на четиригодишната Драгана, но според нашите извори тој имал алиби за време на пожарот.

Јавноста пак ги претрупа социјалните мрежи со обвинувања во кој се бара виновник и одговорност.

Првата детска амбасада Меѓаши побара одговорност од надлежните алармирајќи дека ова не е прв ваков случај.

„ Одговорност бараме пред се од Центарот за социјална работа во Велес бидејќи семејството било евидентирано и користело социјална парична помош, стручните служби требало да увидат дека е потребна дополнителна поддршка за пружање адекватана родителска грижа на децата. Особено што живееле во супстандардни услови, без струја и вода“- стои во реакцијата на Меѓаши.

Според најавите за неколку денови се очекува расплет на случајот, а истрагата ќе утврди кои се причините и дали има основ за евентуална кривична одговорност.