Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ќе престојува во официјална посета на земјава, каде што ќе има средба со премиерот Зоран Заев. Во фокусот на разговорите во Скопје ќе бидат безбедносната и економската политика.
Ова е прва официјална посета на грчки премиер на Скопје. Во рамките на посетата делегацијата од Грција ќе биде пречекана на аеродромот во Скопје по што следува свечен пречек со високи државни почести на платото пред Владата. По неколку куси билатерални средби помеѓу премиерите и министрите на двете држави во Владата, ќе се одржи меѓувладина седница, а потоа и заедничка прес-конференција на премиерите Заев и Ципрас.
Министерството за внатрешни работи информираше за времен сообраќаен режим на дел од сообраќајниците во Скопје. Според информации на Скопје Инфо времениот сообраќаен режим ќе се спроведува на сообраќајниците кои водат од скопскиот аеродром, преку населбата Автокоманда до зградата на Владата на Република Македонија. По завршувањето на средбата планиран е ручек во елитен скопски ресторан во населбата Капиштец во чија близина ќе бидат пренасочени локалните улици.
Времениот сообраќаен режим ќе заврши во 20 часот кога е планирано заминување на грчкиот Премиер.