Неодамна во венецуеланската престолнина слета кинески владин авион преку кој официјален Пекинг му даде директна поддршка на тамошниот претседател, Николас Мадуро.
Кинескиот авион со медицинска опрема и разни други намирници кој слета на аеродромот во венецуеланскиот главен град Каракас, според аналитичарите, во јужноамериканската држава пристигна како директна поддршка за Николас Мадуро додека тој се бори за власт со опозицискиот лидер Хуан Гуаидо.
Припадници на кинеските вооружени сили пристигнаа со авионот со кој донесоа 65 тони залихи на лекови, како резултат на „стратешката соработка“ помеѓу Кина и Венецуела.
Овој потег доаѓа како директна поддршка на венецуеланската влада, односно јасно им дава до знаење на Американците кој е ставот на Кина во врска со нивните обиди да го симнат Николас Мадуро од власт.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро го поздрави пристигнувањето на кинеската хуманитарна помош на социјалната мрежа „Твитер“, нагласувајќи дека „Венецуела ја прекинува империјалистичката опсада и се движи кон победа“.
Додека САД и натаму не се осмелува воено да интервенира во Венецуела, во јужноамериканската држава се повеќе пристигнуваат војници на Кина, но и Русија, па затоа американскиот претседател Доналд Трамп неодамна за прв пат порача дека за ситуацијата во Венецуела ќе мора да разговара со кинескиот и рускиот претседател.