Бунгалови над вода и тиркизно опкружување: Хотел во Грција нуди одмор како на Малдивите, но неспоредливо поевтин

156

“Stella Island Resort” е хотел со 225 соби, лоциран на грчкиот остров Крит.

Овој ресорт кој е отворен во 2017 година, е изграден врз огромен тиркизен базен кој го рекреира океанското опкружување на вилите на Малдиви, а истиот е составен од бунгалови со приватни тераси, лежалки и џакузи.

Луксузниот ресорт со 5 ѕвездички поседува и посебно место за релаксација на средина на базенот кога сакате да бидете опкружени со вода, но да останете суви.

Големите бунгалови над вода се изолирани, додека оние стандардните се одвоени со преграда за целосна приватност, пренесува “Insider”.

Ентериерот е модерен и уреден во земјени тонови, со огромни прозорци за вистинско уживање во тиркизната боја која ве опкружува.

Исто како и кај популарните ресорти на Малдиви, има патека над водата која е поставена точно во средината на “Stella Island”.

Ресортот поседува соби со директен излез на базенот, со цени кои почнуваат од 175 долари за една ноќ за 2 лица, додека цената на бунгаловите над вода започнува од 233 долари. Со оглед на тоа што една вила на Малдивите чини околу 2500 долари за една ноќ (“One&Only Reethi Rah”), “Stella Island” е многу поевтин ресорт кој го нуди приближно истото искуство.