Боки ја нарече пресудата политичка, парите од „Рекет“ рече дека се кај Заеви

747

Јовановски останува во притвор, додека Јанева правосилноста на пресудата ќе ја чека дома

Бојан Јовановски – Боки 13 останува во притвор во затворот во Шуто Оризари, одлучи судечкиот совет откако ја соопшти пресудата за „Рекет“ со која тој доби 9, а Катица Јанева 7 години затвор.

Обвинителката Вилма Русковска побара да му се продолжи притворот поради опасноста од бегство која постои затоа што доби висока затворска казна, но и затоа што на 1 јули почнува судскиот процес за „Меѓународен сојуз“ каде што тој е обвинет.

Бојан Јовановски, пак, во обраќањето рече дека очекува да остане во притвор и оти судот донел политичка пресуда.

„Ова е ден на политичка кампања, донесовте политичка пресуда… Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“,

рече Боки.

Неговиот адвокат Сашко Дукоски, пак, рече дека не очекува поинаква одлука освен да остане во притвор, а во изјава за медиумите рече и дека не е изненаден од пресудата за овој, според него, конструиран случај.