БОБАН: МИЛАН НЕ СМЕЕ ДА ИМА ПРОСЕЧНИ АМБИЦИИ, ЌЕ ДОНЕСЕМЕ КВАЛИТЕТНИ И ФУНКЦИОНАЛНИ ФУДБАЛЕРИ

674

За време на вчерашниот собир во Миланело, каде што се одржа првиот тренинг од новата натпреварувачка сезона, беше одржана и средба помеѓу раководството на клубот и новинарите кои беа присутни во тренинг комплексот, на која зборуваа Паоло Скарони, Иван Газидис и Звонимир Бобан.

Најпрво, ви ги пренесуваме зборовите на Бобан:

„Мило ми е што се вратив во Милан. Емоциите што ги чувствувам се многу силни, но сега имам 50 години и нема да плачам. Сан Сиро е специјално место за мене бидејќи имам прекрасни сеќавања од тоа што го создадовме и освоивме во текот на мојот престој во Милан. Драго ми е што можам одново да се видам со сите.“

„Се надеваме дека ова ќе биде сезона на Милан. После несреќната продажба на клубот пред две години, сега постои стабилност со новите сопственици. Се зборува многу дека клубот не е амбициозен, но тоа не е точно. Милан не смее да не биде амбициозен, но постојат рестрикции и цехови кои треба да се платат. Ние треба да бидеме способни да направиме напредок за краток период. Нашата обврска е да покажеме капацитет за да го вратиме Милан на највисоко ниво. Ќе дадеме се од себе. Немам проблем со неуспесите, туку со тоа воопшто да не се проба, поготово тука, во клуб како Милан. Ќе направиме се што можеме за да им помогнеме на тимот и тренерот да го постигнат најдоброто.“

„Што ме натера да ја прифатам понудата од Милан? Немаше да можам да живеам со себе доколку не се обидев. Затоа сум тука, да пробам да помогнам со тоа што можам. Паоло ми се јави бидејќи Леонардо си замина и имаше потреба од некој кој може да му помогне. Разговарав и со Иван и видов дека ќе биде исправно доколку ја прифатам понудата. Да бидам искрен, уште од првиот момент знаев дека на крајот ќе се согласам и ќе се вратам во овој клуб. Пред една година исто така добив понуда од Милан, но тогаш не беше вистинскиот момент.“

„Што ме чинеше напуштањето на УЕФА? Ништо. Милан е огромен предизвик, можеби најголемиот во мојата професионална кариера.“

„Ова ќе биде година на промена, во која тренерот нема да има обврски во Европските натпреварувања и ќе може подобро да работи со фудбалерите. Сега мораме добро да инвестираме и да изградиме добар тим. Фудбалерите кои ќе ги донесеме мора да бидат функционални за системот на Џампаоло. Тој не замоли да му обезбедиме одреден тип на профили и ние ќе се обидеме да донесеме такви профили од највисок квалитет.“

„Верету и Бенасер? Се работи за добри фудбалери, но тоа е работа на Рики Масара и Малдини. Мојата улога е како плејмејкер. Времето го поминувам со Малдини и Масара, но и со Газидис.“

„Постојат многу надежи и мора да има гаранции, а ние сме должни да ги обезбедиме. Како што кажа Џампаоло, ќе треба да одиме чекор по чекор, но ова ќе биде брза трка. Треба да сториме се што е во наша моќ и да повлечеме вистински потези.“

„Можеме да направиме грешки и веројатно ќе ги направиме, но треба да направиме логични потези од фудбалска гледна точка. Со доаѓањето тука и играњето на Сан Сиро, некој фудбалер можеби ќе страда повеќе за разлика од друг. Овие работи се случувале порано и можеби ќе ни се случат и нас, иако се надеваме дека ќе имаме што помалку такви случаи.“

„Дали целта е пласман во Лигата на Шампиони? Очигледно е дека целта секогаш мора да биде да се победат сите натпревари и да се игра убав фудбал. Клуб како Милан не смее да има просечни амбиции.“

„Не смеете да го завршите натпреварот и да бидете среќни само со фактот дека сте дале се од себе, иако на крајот сте загубиле. Тоа не му доликува на Милан. Ние ќе пробаме да бидеме конкурентни и да се пласираме во Лигата на Шампиони, но и да играме убав фудбал. “

„Донарума? Малдини рече дека ние сме среќни што го имаме Џиџо, еден од најдобрите голмани во светот. Засега тој е дел од Милан, иако работите можат да се променат, но не мора да значи дека ќе биде така.“