Блискиот исток пред војна: Дронови го нападнаа саудискиот главен нафтовод!

1607

Клучниот саудиски нафтовод е нападнат со дронови, по што има прекин на протокот – саудискиот министер порача дека ова не е напад само на Саудиска Арабија, туку на целата глобална економија.

Стратешки најважниот нафтовод кој што го поврзува западниот и источниот брег на Саудиска Арабија, во текот на вчерашниот ден бил на мета на дронови, открива саудискиот министер за енергетика.

Оваа информација доаѓа неколку дена подоцна откако саудиските власти открија дека два нивни танкери биле саботирани во Перисискиот залив, заедно со уште два други танкери – еден на Норвешка и еден на Обединетите Арапски Емирати.

Нападнатиот нафтовод кој се протега од богатата со нафта источна провинција на Саудиска Арабија кон Црвеното море е во прекин, но саудискиот министер за енергетика, Калид Ал-Фалих порача дека Саудиска Арабија нема да дозволи да има пречки во извозот на нафта.

„Овие кукавички напади не се само обид за саботажа на Саудиска Арабија, туку претставуваат и напад на глобалната енергетска достава и светската економија“, порача саудискиот министер за енергетика, Калид Ал-Фалих.

Одговорноста за нападот со дронови на саудискиот нафтовод ја превзедоа јеменските Хути бунтовници, откривајќи дека клучните саудиски инсталации ги нападнале со седум дронови полни со експлозив.

Интересно е тоа што дроновите на Хути бунтовниците со кои што бил изведен нападот се речиси идентични со дроновите “Qasef-1” од иранско производство, па јасно е дека тензиите помеѓу Ријад и Техеран, најголемите ривали на Блискиот исток, значително ќе се заострат.

Инаку, Хути бунтовниците се поддржани од страна на Иран, а очите на Заливските земји се вперени во Техеран и поради нападот на четирите танкери во Персискиот залив. Сето ова се случува во периодот кога ситуацијата на Блискиот исток е практично на самиот раб на војна поради влошените односи на Вашингтон и Техеран.

Американците најавуваат испраќање на 120 илјади војници на Блискиот исток, веќе еден носач на авиони е во регионот, а четири стратешки бомбардери неодамна слетаа во американската воена база во Катар.