БЛИНКЕН ГИ ПОВИКА КИНА, ТУРЦИЈА И САУДИСКА АРАБИЈА ДА ГО ОДВРАТАТ ИРАН ОД НАПАД НА ИЗРАЕЛ

338

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој телефонски разговараше со своите колеги од Кина, Турција и Саудиска Арабија, ги повика да извршат притисок врз Иран за да го одвратат од каков било напад врз Израел, соопшти Стејт департментот.

– Ескалација во регионот не е во ничиј интерес и сите земји треба да го охрабрат Иран да не ескалира, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Блинкен телефонски разговараше и со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за да ја повтори цврстата поддршка за Израел наспроти тие закани, додаде Милер.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Вашингтон го предупредил Иран за потенцијални напади врз Израел.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека неговата поддршка за Израел е „непоколеблива“ пред иранската закана за одмазда по нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија, што Иран му го припишува на Израел.

Иран „се заканува дека ќе изврши голем напад врз Израел“, рече американскиот претседател на вчерашната заедничка прес-конференција во Белата куќа со јапонскиот премиер Фумија Кишида.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, вчера изјави дека Израел ќе биде „казнет“ по нападот на 1 април во Сирија, за кој Иран смета дека го извршил Израел.

Во нападот беше уништен иранскиот конзулат во Дамаск и загинаа 16 лица, меѓу кои седум членови на Чуварите на револуцијата, идеолошката армија на Иран, според невладина организација.

И пред изјавата на Хамнеи Иран веќе вети дека ќе одговори на нападот, што дополнително ги зголеми регионалните тензии во услови на војна во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас кој е поддржан од Иран.