Д фестивал годинава ќе биде домаќин на македонскиот музички великан, бендот Архангел кои се предводници на главната бина на фестивалот!
Легендарната рок група чиј врвен музички квалитет е константа низ повеќе од три децении, е едно од најголемите музички имиња од нашата сцена на сите времиња, а нивниот настап е закажан за 7 јули. Со завидна колекција на антологиски хитови и албуми кои ја одбележуваат македонската сцена уште од деведесеттите години, Архангел константно ја потврдува својата музичка величина и ненадминливоста на музичките граници кои ги поставува и тоа не само кај нас туку во рамките на целиот регион!
Архангел, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија. Групата оформена во 1988 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: “Архангел 1” (1991), “Архангел 2” (1993), “Heart Core” (1998) и “Небесна машина” (2003). Станува збор за едно од малкуте музички имиња кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.
Д Фестивал кој ќе се одржува од 6 до 8 јули во Дојран е единствениот летен музички фестивал на отворено во Македонија, кој во својата тридневна музичка програма покрај Архангел веќе ги потврди и настапите на бројни музички ѕвезди од светската, регионалната и домашната сцена како што се Пол Ван Дајк, Севдализа, Смут, Дуке Бојаџиев, Горан Трајковски…