Ако нема 80 пратеници за уставните измени, Заев ќе бара одговорност во партијата

0
201

Премиерот Зоран Заев не ја знае бројката на пратеници кои би гласале за промените во Уставот, кои произлегуваат од договорот со Грција.

Според него, барањата на Беса за вметнување на другите народи во преамбулата на Уставот се принципиелни. Заев вели дека ако нема 80 пратеници, ќе свика состанок на Централниот одбор на СДСМ, а таму некој ќе треба да сносни одговорност.

„Беса е принципелно поставена околу ова прашање, исто како што се осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие се и првите, но не и единствени заштитници на македонскиот идентитет. Суштината на Беса е преку формулацијата ‘македонско/граѓани на Република Северна Македонија’, да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите и другите во државата ќе бидат Македонци. Тоа е суштината. Тука се наоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако, државјанството е македонско и така ќе остане. Беса не бара менување на идентитетот. Тие не се Македонци, тие се Албанци од Македонија, Турци од Македонија, Срби од Македонија. Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или пратеник ќе бара да биде загрозен идентитетот. Сите се бориме за идентитетот, кој беше оспорен, конечно да биде загарантиран“, вели Заев.

На прашањето дали осумте пратеници го поддржуваат барањето на Беса, премиерот Заев не одговори конкретно. Во однос на изјавата од Касами дека ако Владата не ги прифати барањата на Беса, нивните двајца пратеници нема да гласаат за уставни промени, Заев вели дека е оптимист за изнаоѓање решение.

„Треба волја за да има решение, за тие да бидат задоволни, осумте пратеници, јас како премиер и целото мнозинство. Ако бидеме креативни, ќе изнајдеме решение. Овој процес може да биде гаранција дека ќе се обезбедат пратениците. Не можам да кажам дали ќе има 80 пратеници. Деновите се избројани. Јас мислам дека денес треба да се гласа првиот амандман. Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се во Собранието, логиката кажува дека треба да се гласа. Одговорноста за процесот секој ќе си ја понесе. Ако се изгласа, среќата ќе ја споделиме“, додава Заев.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here