Ахмети: Денко Малески е прифатлив консензуален кандидат за претседател

327

„Досега не сме зборувале за имиња, но мислам дека Денко Малески е угледен професор, професор што ги исполнува сите стандарди, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање дали тој е прифатлив консензуален кандидат за претседател на државата.

Според Ахмети, најдобар кандидат засега е Денко Малески. „Но, сепак, останува за ова да разговараме со сите политички субјекти“, додава Ахмети во изјава за ТВ „21“.

Запрашан дали размислува да се кандидира за претседател, Ахмери вели:

„Не е скромност да кажам дека никогаш не сум размислувал да бидам претседател на државата. Ако се земе како теза, за претседател на државата во услови во кои јас влегов во политиката, треба да бидеме рационални и транспарентни. Секако дека остануваме на нашите принципиелни ставови дека на оваа земја ѝ треба консензуален претседател”.

СДСМ минатата недела демантира дека се водат разговори за дефинирање претседателски кандидат во органите и телата на СДСМ. Партијата ги демантира објавените информации на агенцијата ИНА, некои преземени и од интернет-порталите.

„Разговорите не се почнати и оттука воопшто не е точно дека е дефиниран кој било за кандидат. Исто така, не е точно дека има кандидати за премиерската позиција. Станува збор за класични шпекулации што немаат никаква врска со реалноста. Дополнително, јавноста знае, а СДСМ повторно го реафирмира, тоа не е цел на претседателот Зоран Заев, како што лажно е наведено во текстот“, се вели во соопштението.

Првиот шеф на македонската дипломатија, професорот Денко Малески, неодамна во интервју за ТВ „Клан“ изјави: „Тоа е товар за кој вреди човек сериозно да размисли и веројатно да постави некакви услови за таков ангажман“.

Ахмети идејата за консензуален претседател ја отвори на претседателските избори во 2014 година кога Ѓорге Иванов го доби вториот мандат. Договорите со тогашниот коалициски партнер не вродија со плод и од тогаш не го признаваа официјално Иванов за нивни претседател.

Денко Малески е прв министер за надворешни работи на Македонија и редовен професор на Правниот факултет во Скопје. Од 1993 до 1997 година беше постојан претставник на нашата земја во Обединетите нации.

Во 2011 година Малески предупредуваше дека без влез во ЕУ и во НАТО, судбината на Македонија е неизвесна и затоа мора надворешната политика да се врати кон овие стратешки приоритети и да се реши спорот за името. Што се однесува до актуелните случувања, Малески вели дека ако договорот од Преспа не успее, следниот ќе биде многу полош за Македонија.