Агнеса Орданоска: Во четири очи се решаваат брачни недоразбирања, посебно кога имате деца, а не на Фејсбук!

445

Споделувањето на љубовните или брачните проблеми на социјалните мрежи, без разлика за кого се работи, по некое непишано правило, секогаш предизвикувало големо внимание и интерес од јавноста.

Посебно пак, кога станува збор на поранешен висок функционер, во случајов кој од вчера стана топ тема во јавноста, поранешниот директор на АЕК, Роберто Орданоски, кој обелодени на доста невкусен начин дека се разведува од сопругата Агнеса, која е мајка на нивните две малолетни деца.

Со обвинување дека таа повеќе не е заинтересирана за него, бидејќи не е повеќе директор, тој го сврте вниманието на јавноста желна за драма, па неговата објава стана една од најкоментираните и споделувани, како на социјалните мрежи, така и во повеќе медиуми.

Неговата сопруга Агнеса за „Фокус” вели дека е вознемирена од настанот, најмногу пред се, поради своите деца, кои се најдоа на удар поради нивните недоразбирања.

-Брачните проблеми и недоразбирања се решаваат во четири очи, а не на социјални мрежи! Вознемирена сум поради децата, јасно ми е како ова ќе се одрази на нив, тие се во период кога растат, созреваат. Нивни другарчиња ја читаат објавата, стравувам дека ова ќе остави трајни последици врз моите деца, кои во никој случај не заслужија да бидат во оваа ситуација – раскажува вознемирената жена.

Додава дека по 18 години минати во брак со Роберто, како и секој цивилизиран брачен пар, проблемите треба да ги решат заеднички, со разговор, а не со објави на социјални мрежи, поради кои нивните деца ќе страдаат и ќе бидат вознемирени.

-Кога една жена се грижи за својот изглед, најлесно е да биде обвинета за афери, да се нарече спонзоруша, да и се прикачуваат невистини кои ќе ја прикажат во лошо светло. Очекувани ми се тие работи, на многумина им се случиле, но недозволиво е да се објавуваат фотографии и снимки од деца на вакви објави, тоа е траума за нив, како и за мене. Ги чекам децата да се вратат од Молика, Битола, таму ги однесе татко им пред пет дена, се обидувам да се смирам. Кога приватноста на едно семејство се става на тањир пред целата јавност, на ваков начин, што да се очекува повеќе? Многумина ќе се ситат, лавини од невкусни коментари, без да се помисли на емоциите на овие деца, жално е сето тоа… Но, ме изненади поддршката која од вчера ја добивам од огромен број на жени и мајки, кои дури и никогаш не сум ги сретнала во живот. Многу пораки добив, во кои ја гледам женската солидарност на дело и тоа ми даде утеха во овој лош период. Жената е најлесно да ја нападнеш, да ја омаловажиш во средина во која уште владеат предрасудите, но за среќа помеѓу нас има совесни луѓе на кои им е јасно дека оваа постапка е за секоја осуда – изјави Орданоска.

Таа е дипломиран правник и работи во АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Додава дека никогаш не сакала приватноста да и биде експонирана пред јавноста, а по настанот, единствено на кое мислела е децата да го надминат овој период што е можно побезболно.