Кокшаров: Вардар беше непрепознатлив, затоа мораше веднаш да се реагира!

795

Иако клубот сè уште молчи и нема објавено ниту демант или потврда на тренерската смена, Вардар во продолжението на сезоната и официјално ќе го води доскорешниот спортски директор Едуард Кокшаров.

Наследникот на Давид Писонеро оваа информација ја потврди за рускиот медиум „Хендбол Фаст“, велејќи дека до ваква одлука мораше да се дојде.

„Сергеј Самсоненко се реши за ваков потег и тој ја донесе оваа одлука. Незадоволство имаше одреден период, а по поразот од Кил беше решено да се реагира на тренерската функција. На состанокот се согласивме дека не е лесно во ваков период да пронајдеш квалитетен тренер, па затоа се согласив јас да го водам тимот, а притоа да не ја напуштам селекторската функција во Русија.

Вардар беше непрепознатлив во овој период. Иако успеавме да го задржиме поголемиот дел од тимот од ланската сезона, овој Вардар не наликуваше на ланскиот. Имаме и нови играчи и ним им треба време за адаптација, но како да исчезна стилот на Вардар и затоа Самсоненко се реши на ваков потег“, рече Кокшаров.

Рускиот стратег потврди дека Писонеро нема да си замине, туку ќе биде негов асистент.

„Имаше понуда и да си замине, но тој се реши да ја прифати другата опција и да остане во клубот како помошник тренер“, додаде Кокшаров.

Русинот своето деби на клупата на европскиот шампион ќе го има против европскиот вицешампион Веспрем, меч кој е закажан за в сабота од 17:30 часот.