Агентот на Пандев: Ги препорачувам Барди и Николов за Серија А

900

Агентот на Горан Пандев, Леонардо Корси, во изјава за италијанските медиуми посочува дека Наполи завршил голема работа со ангажманот на најголемиот македонски талент Елиф Елмас. И, Корси потенцира дека трансферот е готова работа која наскоро треба да се заокружи.

Но, Корси, кој е добар познавач на македонскиот фудбалски потенцијал, вели дека има уште двајца македонски репрезентативци кои се повеќе од подготвени за настап во Серија А.

„Елмас е фудбалер со огромен потенцијал, еден од најинтересните европски таленти, и Наполи направи голема работа со тоа што се договори за негов ангажман. Но, Македонија има уште неколку интересни фудбалери кои тврдам дека се подготвени за Серија А. Пред се Бобан Николов и Енис Барди од Леванте. Барди веќе игра во една од најдобрите европски лиги и искрено го препорачувам. Но, мора да се погледне и Николов кој веднаш би одговорил на потребите на секој клуб во Серија А“ – вели Корси.

Николов ова лето е поврзуван со трансфер во новиот италијански прволигаш Бреша. Од останатите македонски репрезентативци, капитенот Горан Пандев и следната сезона ќе биде во Џенова, Илија Нестороски е пред трансфер во Удинезе, а интересно согласно последните шпекулации Александар Трајковски се поврзува со гигантот Милан.