Траект потона во Ирак, околу 100 лица загинаа, а поголемиот дел од нив се жени и деца

847

Речиси стотина луѓе, главно жени и деца загинаа во четвртокот кога потонал траект во реката Тирис во Мосул, во екот на прославата на курдската Нова година и Првиот ден на пролетта, што е најтешката несреќа во Ирак во последните години.

Премиерот на Ирак, Адел Абдел Махди, кој дошол на местото на несреќата и во мртовечницата каде биле донесени телата прогласи тридневна државна жалост. Обединетите нации изразија жалење поради страшната трагедија.

Бројот на жртви расте од час во час

Бројот на жртви постојано расте. Министерството за внатрешни работи соопшти дека 94 лица загинаа во несреќата. Помеѓу нив има 61 жена, истакнал премиерот. Властите објавиле дека 19 деца се удавиле, а 55 патници се спасени.

Несреќата го потресе Мосул, каде неодамна повторно започна да се слават празниците како Новруз, курдската Нова година, а семејствата организираат излети на брегот на реката бидејќи три години градот бил окупиран од џихадистите.

Иако во војните и џихадистичките напади во текот на овие години во Ирак околу стотина луѓе ги губеле своите животи, ваквите несреќи се ретки. Последниот бродолом се случил во март 2013 година кога во Багдад, исто така во реката Тигрис потонал брод-ресторан каде животот го изгубиле пет лица.

Семејствата се возеле од едната на другата страна

Семејствата се возеле на другата страна на реката каде има уредени паркови, каде обично се организира пикник за Новруз, кој во целата држава е прогласен за неработен ден.

“Имаше многу луѓе, најмногу жени и деца”, рекол за АФП, момчето кое успеа да исплива до брегот.

Несреќата е последица од скршено скеле и високото ниво на реката, рекол начелникот на безбедносната служба во Мосул.