Главниот товар на истрагата го имаа безбедносните служби на Македонија: Портпаролката Димоглиду за иранската терористичка мрежа

21

Овој случај уште еднаш покажува колку е важно да постои добра соработка со странските власти и ефикасна разузнавачка мрежа. И покрај тоа што не беше вклучена некоја служба на грчката полиција, Националната разузнавачка служба, преку соработката со други земји, успеа да спречи незаконска активност на нашата територија – посочи портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду говорејќи за државната телевизија ЕРТ во однос на разбиената иранска мрежа и нагласи дека „главниот товар на истрагата го имаа безбедносните служби на Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.

Димоглиду објасни дека во целиот случај, од грчка страна била вклучена само Националната разузнавачка служба, посочи дека постојат официјални соопштенија „од властите на Македонија, во кои се опишува дејствувањето на оваа криминална организација и се наведува дека можната цел се наоѓала во Грција, без притоа да се споменуваат конкретни лица“.

Во однос на тоа кој бил целта на атентат или терористички акт, портпаролката на грчката полиција објасни тоа го знае грчката разузнавачка служба, но и дека по апсењата и текот на истрагата ќе се разјасни за што станува збор.

– Ние во грчката полиција не знаеме конкретно кој бил целта. Секако, тоа е нешто што го знае Националната разузнавачка служба и таа веќе ги презела потребните мерки. Мислам дека сега, во текот на истрагата, откако во другите земји се пронајдени докази и се извршени апсења, ќе се разјасни дали станува збор за планирано убиство, односно за убиство што требало да биде извршено во нашата земја врз конкретно лице, или за нешто друго, како што е терористички напад. Сметам дека тоа ќе се утврди во текот на истрагата, сега кога уапсените се во рацете на надлежните органи, објасни Димоглиду.

Портпаролката на грчката полиција се осврна и на лицето кое било уапсено на територијата на Грција и депортирано кај нас, објаснувајќи дека бил откриен на граничен премин на североисточната граница кон Турција во обид да ја напушти земјата, а полицајците констатирале дека против него имало мерка за забрана за престој, како во Грција, така и во други земји.

– Лицето, беше депортирано од нашата земја. Беше уапсено откако полициски службеници од една гранична полициска станица на северната граница на нашата земја утврдија дека неговото присуство на грчка територија не е оправдано. Потоа, во првите денови на ноември, беше депортирано, објасни Димоглиду.

Разоткривањето на иранската мрежа што подготвувала терористички напад во Грција, уште од вчера, како што објави МИА, е главна вест кај јужниот сосед, а новинарите објавуваат анализи и информации повикувајќи се на свои извори.

За лицето што било цел на напад/атентат во Грција, во медиумите преовладуваат неколку сценарија, едното дека станува збор за грчки бизнисмен со еврејско потекло, друго дека станува збор за Израелец од голема компанија во Грција, според трето пак дека станува збор за лице поврзано со израелски интереси.

Сепак, за ниту едно од овие сценарија не постои официјална потврда.

Медиумите во Грција пишуваат дека убиството било планирано на начин што би упатувал на расчистување сметки за да се прикрие евентуалната поврзаност на нападот со ирански мрежи.

Од друга страна за лицето уапсено во Грција, објавија дека станува збор за 30-годишен македонски државјанин, кој бил прогласен за непожелен во земјата од аспект на националната безбедност.

Весникот „Катимерини“ повикувајќи се на свои извори пишува дека со автомобил со македонски регистарски таблички на крајот на октомври се обидел да ја напушти Грција и да влезе во Турција на копнената граница во Еврос.

Следело апсење, а неколку дена подоцна и депортација кај нас.