ФБИ и честиташе на македонската полиција: Прва операција во областа на сајбер-криминалот со нашите партнери

11

Федералното истражно биро на САД упати официјална јавна благодарност до своите партнери од Одделот за сајбер криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР на Македонија, по повод успешното апсење на администраторот на илегалниот сајбер-маркетплејс „OLVX“.

-ФБИ им честита на своите партнери од Единицата за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Македонија за успешното апсење на администраторот на криминалниот пазар „OLVX“. Се тврди дека преку „OLVX“, кој бил активен во периодот од 2023 до 2025 година, незаконски се продавале лични податоци на жртвите, како и податоци за најава на кориснички сметки, преку повеќе од 1.500 продавачки профили, се наведува во објавата.

Од ФБИ истакнуваат дека постоењето на овој пазар директно ја загрози дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани, кои се потпираат на интегритетот на сметките што ги користат.

-Оваа акција претставува прва операција во областа на сајбер-криминалот координирана помеѓу ФБИ и Македонија и ја одразува посветеноста на ФБИ за соработка со партнери ширум светот, со цел заштита на американскиот народ во сајбер-просторот, посочуваат од ФБИ.

МВР вчера објави дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против Е.А. (20) од Голема Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Акцијата е резултат на првично добиени информации од ФБИ, по што следувала заедничка, координирана истрага насочена кон откривање и сузбивање на криминалните активности поврзани со нелегалниот онлајн пазар „OLVX“.