Откриено богато војничко погребување на архајската некропола кај Корошишта

18

Богато војничко погребување со штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар е најновото исклучително откритие на археолозите на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта, со што дополнително се потврдува значењето на локалитетот за проучување на Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.

Националниот археолошки музеј денеска ќе ги презентира најновите резултати од археолошките истражувања на локалитетот, каде годинава е откриено богато војничко погребување со комплетна воена опрема.

https://www.facebook.com/v20.0/plugins/post.php?app_id=463387784034351&channel=https%3A%2F%2Fstaticxx.facebook.com%2Fx%2Fconnect%2Fxd_arbiter%2F%3Fversion%3D46%23cb%3Df92103afb8a010a43%26domain%3Dkurir.mk%26is_canvas%3Dfalse%26origin%3Dhttps%253A%252F%252Fkurir.mk%252Ff3273c07c3f5d67b6%26relation%3Dparent.parent&container_width=690&href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Farheomkd%2Fposts%2Fpfbid0NvQ5ELz3TDxoxGpbPiz9FPsLG66QsWQFStueHWBM3sWEqFXRagY3V3ztHirnZmcTl&locale=en_GB&sdk=joey&width=690

Од Националниот археолошки музеј истакнуваат дека новите наоди недвосмислено го потврдуваат карактерот на Расница како архајска некропола и отвораат можности за подлабоко проучување на погребните обичаи, воената организација и општествената структура на тогашните заедници.

Локалитетот го привлече вниманието на стручната и пошироката јавност во 2024 година, кога беа откриени монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал, меѓу кој бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Најновите откритија, според музејот, носат нова димензија во толкувањето на некрополата, бидејќи богатото војничко погребување овозможува попрецизно согледување на статусот, идентитетот и улогата на лицата што биле погребувани на овој простор.

Археолошките истражувања ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј, а на денешната презентација на локалитетот ќе присуствуваат и директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева. (МИА)