Институтот за судска медицина ја заврши обдукцијата на 15-те тела донесени по пожарот кој избувна во ковид центарот во Тетово и ги идентификува жртвите.
Преку ДНК анализи идентификувани се 14 лица коишто загинаа во пожарот. На обдукција било донесено и телото на помлада пациентка којашто починала непосредно пред пожарот.
„Со помош на ДНК анализи идентификувани се телата на 14-мина коишто настрадаа во пожарот, а извршена е обдукција и на помлада пациентка, чие што тело дополнително е донесено во Институтот за судска медицина“, изјавил првиот човек на Институтот за судска медицина, Александар Станков за „Дојче Веле“.
Тој исто така додал дека обдукцијата поминала со примена на најпрофесионални стандарди и со посебни ковид протоколи и заштита поради специфичноста на околностите во кои се работи за време на пандемија.
„Најспецифично за време на обдукцијата беше тоа што станува збор за болни од Ковид-19, за коишто мора да се применуваат посебни протоколи и мерки за заштита. Но, ние во такви околности работиме веќе две години“, додал Станков.
Идентификацијата на телата е извршена со помош на роднините на починатите, МВР и Одделот за потраги.
Инаку, обвинителството потврди дека двајца од настраданите во пожарот не биле пациенти во модуларната болница туку членови на најблиско семејство кои во моментот на пожарот биле во објектот.
„Осум жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години ги загубија животите во пожарот кој избувна на 8 септември во ковид центарот во Тетово. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува“, велат од Обвинителството.
Инаку, обвинителството ѝ наложи на тетовската полиција од Тетовската болница да ја обезбеди, односно одземе целокупната документација за изградбата на модуларната болница како и од фирмата ангажирана како изведувач.