Поротата на судењето на поранешниот американски полицаец во Минеаполис, Дерек Шовин се повлече на одлучување за пресудата по повод обвинувањето за убиството на Џорџ Флојд, а во градот е напнато додека се донесе одлуката.
Обвинителството пред поротата порача дека станува збор за убиство над Флојд, додека пак одбраната на Шовин порача дека нивниот клиент само ја следел полициската обука.
Околу зградата на судот се поставени барикади, а распоредени се и вооружени припадници на Националната гарда, пренесува „БиБиСи“.
Исто така, повеќе градови ширум САД се во состојба на подготвеност поради можните протести во врска со пресудата за случајот поради кој избија протести не само во САД, туку и во повеќе делови од светот.
Обвинителството и одбраната вчера ги изнесоа завршните зборови во рамките на судењето кое траеше три седмици, а обвинителството имаше прилика да ги оспори аргументите на одбраната пред повлекувањето на поротата.
Флојд беше прогласен за мртов на 25-ти мај минатата година откако Шовин со колено го притискаше неговиот врат околу девет минути при приведувањето.