Започна познатиот Кански филмски фестивал, за Златната палма се бори 21 остварување

88

Актерите Хавиер Бардем и Шарлот Гејнсборг, вчеравечер го отворија 72-то издание на Канскиот филмски фестивал на кој се очекуваат бројни ѕвезди како Квентин Тарантино и Педро Алмодовар.

Откако Бардем и Гејнсборг го прогласија фестивалот за отворен на француски и шпански јазик, следуваше премиера на филмот “The Dead Don’t Die” на американскиот режисер Џим Џармуш, во кој глумат Бил Мјуреј, Тилда Свинтон, Селена Гомез и Адам Драјвер.

Свеченоста на отворањето ја водеше францускиот актер Едуар Баер кој ѝ оддаде почит на режисерката Агнес Варда која почина кон крајот на март.

За Златната палма се бори 21 филм помеѓу кои се “Dolor y Gloria” на шпанскиот режисер Педро Алмодовар и “Once Upon a Time in Hollywood” на Квентин Тарантино во кој главните улоги ги толкуваат Леонардо ди Каприо и Бред Пит.

Со жирито на 72-то издание на фестивалот во Кан претседава познатиот мексикански режисер Алехандро Гонзалес Инариту, добитник на престижната филмска награда Оскар за филмовите “Birdman” и “The Revenant”.

Фестивалот трае до 25-ти мај

Овогодишниот фестивал ќе трае до 25-ти мај, а за истиот се акредитирани повеќе од 4000 новинари од 90 земји. Се очекува фестивалот, кој зазема значајно место во светската кинематографија, во текот на 12 дена да го посетат околу 200 илјади лица.

loading...