Закани до обвинителите на СЈО: „Фатиме е наша, а на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“

1146

Во кривичниот суд во Скопје повторно се одложи рочиштето за предметот на СЈО „Титанк 3“, во кој обвинети се Ејуп Алими и Исмет Гури.

Судијаката Оља Ристова рече дека судот повторно преку ургенција до Министерството за правда ќе побара да биде обезбедена во судот да сведочи сведокот Р.Б. бидејќи живее во Германија, за што одбраната доставила извод на венчаните.

Судијката рече дека не е вложен доволен напор од државните органи. Судот го задолжи СЈО да вложи напор и да го обезбеди сведокот кој е клучен во постапката.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека ќе ги вложат сите напори жената да дојде и да сведочи. На минатите рочишта СЈО побара поради недостапноста на сведокот да биде прочитан исказот кој таа го дала пред СЈО. Извори за „Макфакс“ тврдат дека сведокот, која сега е во Германија, добивала закани.

Обвинетиот Ејуп Алими му дофрли на обвинителот Гаврил Бубевски дека не биле доволно добри во напорите да го обезбедат сведокот, на што Бубевски му одговори „затоа вие сте добри кога се заканувате“. Бубевски во судницата рече дека добил закани од типот „Фатиме е наша, а на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“.

Обвинителката Фетаи на адвокатот на Алими, Мефаил Арслани, му рече „па ти ми кажа“.

Следното рочиште за предметот „Титаник 3“ е закажано 22 февруари.

Во „Титаник 3“ обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури. Тие како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.

Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ.