За 10 години – 28 трофеи: Пеп Гвардиола е убедливо најдобриот!

746

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола е убедливо најдобар тренер во светот во последната деценија, а ако вака продолжи, сигурно ќе биде најуспешен во историјата на фудбалот.

Вчера со својот тим тој го освои 28. трофеј во кариерата откако триумфираше во Суперкупот на Англија, на пенали против европскиот шампион Ливерпул. Тоа е петти последователен трофеј за Сити во англискиот фудбал откако претходната сезона ги освои сите 4 (Суперкуп, ФА Куп, Лига куп и Премиер лига).

Во претходните 10 години, односно откако ја комплетира првата сезона во неговата тренерска кариера, Гвардиола освои 28 трофеи или двојно, па и тројно повеќе од неговите ривали во фудбалот. На пример, најблиску до него се Жозе Мурињо и Масимилијано Алегри со по 13, а Зидан и Луис Енрике имаат по 9.

Повеќе од половина од нив (15) освои со Барселона во период од четири години. Тогаш три пати триумфираше во Ла Лига, два пати во Лигата на шампионите, три во Суперкупот на Шпанија, два во Копа дел Реј, два во Суперкупот на Европа и два на Светското клупско првенство.