Во земјотресот во Тајван, повеќе од 1.000 луѓе се повредени, 42 работници се водат за исчезнати

431

Бројот на повредени во земјотресот со јачина од 7,2 степени во Тајван  се искачи на 1.038, бројот на загинати се уште е 9, додека 42 работници во хотел се водат како исчезнати.

Работниците во моментот на земјотресот биле на пат од Хуалиен кон Националниот парк Тароко, а командниот центар за кризни ситуации објавил дека потрагата по нив била главна цел, пренесува Ројтерс.

Планирано е да се испратат беспилотни летала и хеликоптери за да помогнат во потрагата по работниците и доколку се најдат, да им се достави залихи што е можно поскоро. Шест лица се спасени со хеликоптер од рударската област.

Во градот Хуалиен заврши спасувањето на луѓето кои останаа заробени во урнатините на зградите. Возниот сообраќај на линијата кон Хуалиен е повторно отворен.

Тоа беше најсилниот земјотрес во Тајван во последните 25 години, со епицентар најблиску до источната област Хуалиен, додека зградите во главниот град Тајпеј се стресоа, но претрпеа минимална штета.