Во ватиканската амбасада пронајдени човечки коски – припаѓаат на киднапирано девојче?

187

Работници пронашле човечки коски во ватиканската амбасада во Италија, а полицијата го истражува овој случај, соопшти Ватикан.

Италијанските медиуми известиле дека форензичарите пробуваат да утврдат дали станува збор за посмртните останки на Емануела Орланди, 15-годишна ќерка на вработен во Ватикан која исчезнала во 1983 година.

Ватикан наведува дека деловите од коските се откриени во текот на реконструкцијата на амбасадата на Света Столица, недалеку од галеријата Боргезе во Рим. Истрагата ја води главниот тужител Џузепе Пигнатоне.

Најголемата мистерија во современата италијанска историја

Исчезнувањето на Емануела Орланди е едно од најголемите мистерии во современата италијанска историја. Таа била киднапирана на 22-ри јуни 1983 година, откако го напуштила семејниот дом во Ватикан и отишла на час по музичка уметност во Рим. Имала 15 години, а нејзиниот татко бил вработен во ватиканската амбасада.

Нејзиното исчезнување првобитно се поврзувало со можниот обид на непознати личности да издејствуваат ослободување на Мехмет Алија Агџа, турски напаѓач кој го застрелал папата Јован Павле Втори во 1981 година и во тоа време служел доживотна затворска казна во италијанскиот затвор.

Во 2005 година, анонимна личност се јавила во телевизиска емисија и изјавила дека тајната на киднапирањето на Орланди е закопана заедно со Енрико “Ренатино” Де Педисо, мафијаш кој некогаш бил на чело на озлогласената банда Маглиана која го тероризирала Рим во осумдесеттите години.

Полицијата го отворила неговиот гроб во 2012 година, но во ковчегот се наоѓале само коските на Де Педисо, убиен во 1990 година во една мафијашка пресметка. Во ватиканското соопштение не се споменува Орланди.