Во Русија најголем дневен пораст на заразени: Жариштето е во Москва!

184

Бројот на заразени со коронавирусот во Русија надмина 6 илјади после најголемиот дневен пораст на новозаболени од почетокот на епидемијата.

Оперативниот штаб на руската влада кој е задолжен за епидемијата соопшти денес дека во изминатите 24 часа се регистрирани нови 954 случаи, со што вкупната бројка во Русија се искачи на 6,343 заразени, од кои дури 4,484 се само во главниот град Москва.

Рускиот претседател Владимир Путин до крајот на месецот за најголемиот дел од Русите ги прогласи за неработни денови со цел да се сузбие ширењето на коронавирусот во земјата. Тој истакна дека основните институции ќе продолжат да функционираат, а продавниците и аптеките ќе останат отворени.

Првиот човек на Руската Федерација напомена дека регионалните власти во своите области треба да одлучат, во зависност од ситуацијата, кои компании и организации можат да продолжат со работа.

Рускиот премиер Михаил Мишустин денес остро ги предупреди регионалните гувернери да не ги затвораат административните граници на своите покраини, нагласувајќи дека движењето на луѓето и стоката не смее да биде ограничено.