Во ритамот на Африка и Мали: Уму Сангаре предизвика музички транс во Скопје

899

Музичкиот стил на пеење познат како Василу, изворно пренесен од извонредната црномуреста вокалистка Сангаре од Мали, која беше придружувана од музичарите на нејзиниот бенд и двете придружни вокалистки, на присутните им понуди едно сосема ново и неповторливо музичко доживување во рамките, носејќи ги на улиците на Мали и запознавајќи ги со фолклорот на оваа африканска земја

Греми добитничка, африканската суперѕвезда Уму Сангаре од Мали, завчеравечер со својот енергичен настап во рамките на 17. издание на Оффест предизвика музички транс во Скопје. Публиката во салата на Македонската опера и балет, прво ракоплескаше, потоа пееше, па следеа овации од присутните, за на крај сите да играат и пеат во ритамот на Мали, по што на двапати се бараше и бис…

Музичкиот стил на пеење познат како Васулу, изворно пренесен од извонредната црномуреста вокалистка Сангаре која беше придружувана од музичарите на нејзиниот бенд и двете придружни вокалистки, на присутните им понуди едно сосема ново и неповторливо музичко доживување, носејќи ги на улиците на Мали и запознавајќи ги со фолклорот на оваа африканска земја.

Овој музички жанр произлезен од народните традиции на руралниот југозападен дел на Мали, на Сангаре и донесе светска популарност, а македонската публика доби можност да се запознае со една сосема поинаква култура.

На сцената во МОБ освен преку ритамот, африканската земја Мали беше претставена и преку облеката на вокалистката и музичарот кој свиреше на необичниот “камеле нгони”, жичан инструмент кој потекнува од западна Африка.

Атмосферата ја надополни и гитарист од Мали, како и клавијатурист, басист и тапанар од Франција.

За огромната енергија која музичарите од сцената им ја пренесоа на присутните во салата на МОБ допринесоа и двете атрактивни пратечки вокалисти, со извонредни гласовни варијации, исто така од Африка, кои во ритамот на музиката го претставија и карактеристичниот африкански танц, со што дополнително ја одушевија публиката, но и ја натераа да им се приклучи и во пеењето и во играњето.

Накратко, час и половина музички транс и на сцената и пред сцената.

Инаку, последниот албум “Mogoya” на Сангаре која е и амбасадор на добра волја на Обединетите нации, добитник на музичката награда на УНЕСКО… и Womex 2017 Artist Award Winner, многумина го прогласија за албум на годината за 2017.