“Многу верувам во љубов. Моите родители се виновни за тоа, бидејќи имаат навистина добра врска и мислам дека ми поставија високи стандарди”, вака 22-годишната Дуа Липа го започнува разговорот за јунското издание на “Ел”, чија и насловна страница ја краси.
Освен фотографиите на кои носи креации од “Диор”, “Шанел” и Симон Роша, низ страниците одговара на прашањата на нејзините обожаватели, а меѓу главните теми е љубовта. Всушност, и самото име на пејачката, кое го добила по баба си, значи “љубов”.
Во интервјуто атрактивната пејачка со албанско потекло открила дека песните “Be The One” и “Hotter Than Hell” ги напишала инспирирана од раскинување на врска.
“Ги напишав, затоа што моето прво момче правеше константно да се чувствувам како да не сум доволно добра. Не сакав да знае дека сум тажна, па направив да изгледа како тој да не е доволен за мене и да ја прекинеме врската”, вели пејачката.
Веднаш потоа следуваше “New Rules” , а таа направи голем скок во музичката индустрија. Неодамна стана и првата жена која дури пет пати била номинирана за “Брит” наградите и тоа во една година (освои две), а токму со “New Rules” стана и првиот женски солист кој освои прво место на Британската топ листа, што не се случило од Адел и песната „Hello” од 2015 година.
“Преку музиката откривам голем дел од мојот живот, така што сите гледаат и знаат како се чувствувам. Тоа ми го отежнува моментот да имам приватност, но од друга страна пак, токму таа отвореност ми овозможува неверојатна врска со моите обожаватели”, вели Липа.
Во моментов нема момче и открива дека и годи сингл статусот.
“Кога сум сама, имам многу повеќе време за други работи, за себе. Кога си во врска, тоа време се крати, го посветуваш само на една личност. Не велам дека тоа не е забавно, но добро е понекогаш да излезеш и да направиш се по твое. Целосно сум за моногамија, но исто така сметам дека да го искусиш животот на своја кожа е нешто неверојатно важно. Кога си сам, учиш повеќе за себе, но исто така нема некој кај кој можеш да трчаш веднаш за помош, туку се потпираш исклучиво на себе”, потенцира пејачката.