Во оваа земја ќе има бесплатни влошки и тампони за жените

68

Шкотска ќе биде првата земја на светот која бесплатно ќе дава влошки, тампони и останати производи потребни за женска нега во текот на менструалниот период, пренесува „Independent“.

Шкотскиот парламент едногласно го одобри законот со кој менструалните хигиенски потрепштини ќе бидат бесплатно достапни за сите жени.

Шкотската пратеничка Моника Ленон од партијата на Лабуристите се залагаше за закон кој ќе биде „предводник во светот“ за бесплатен пристап до санитарни производи за жени како влошки и тампони во јавните згради.

Нејзиниот предлог беше поддржан од шкотската влада и покрај првобитното противење на опозицијата и некои министри кои сметале дека трошоците за здравствено осигурување значително ќе ги надминат проценетите 9,7 милиони фунти годишно.

Ленон, пред почетокот на гласањето, рекла дека е оптимист дека законот денеска ќе биде усвоен.

„Се наоѓаме во последните милји од долгото патување и охрабрена сум од поддршката упатена кон Законот за производи за менструација“, навела пратеничката.

„Овој закон ќе овозможи никој да не остане без основни производи за менструација“, рекла Ленон и додала дека нејзината земја, благодарение на светската кампања да се зачува достоинството на сите жени, веќе презела големи чекори кон достапност на производите за менструација.

„Нашата кампања веќе е поддржана од страна на коалициите, синдикатите, женските организации и добротворните организации. Илјадници поддржувачи ја одиграа улогата, вклучувајќи и искуства од сиромашни луѓе, и на сите сум благодарна“, порачала пратеничката.