Кинескиот претседател пратил јасна порака: Не сакаме да владееме со светот, но никој нема да ни кажува што да правиме

718

Кинескиот претседател Кси Џинпинг ветил дека неговата земја нема да се развива на сметка на другите држави, но дека на Кина, како глобална суперсила, никој не може да и кажува што треба да прави.

“Никој не е во позиција да им диктира на Кинезите што треба да прават, а што не”, рекол тој.

Изјавил дека и покрај економските постигнувања, Кина “нема да бара начини да доминира над другите”.

“Никогаш нема да бараме светска хегемонија”, рекол кинескиот претседател.

Тој укажал на придонесот на својата земја на “заедничката иднина на човештвото”, велејќи декан неговата земја е “промотор на светскиот мир” и “бранител на меѓународниот поредок” како и тоа дека има “водечка улога во решавањето на прашањата за климатските промени”.

Тој повикал на понатамошна примена на реформите во говорот по повод 40-те години од либерализацијата на пазарот на оваа земја.

Во обраќањето кое траело речиси час и половина, Кси го поддржал концептот на државната економија и развојот на приватниот сектор и рекол дека Кина ќе ги засили напорите во насока на отворање и спроведување на најважните реформи.

“Мораме непоколебливо да го засилиме развојот на државната економија додека непоколебливо го охрабруваме, поддржуваме и насочуваме развојот на економијата која не е државна”, рекол кинескиот претседател во Големата народна палата.

Кина пред 40 години започнала процес на “реформи и отворање” под раководство на лидерот Денг Сјапоинг, што довело до голем индустриски развој и напредување до втора по големина економија во светот.

Кси ја потврдил и лидерската улога на Комунистичката партија во сите социјални аспекти и рекол дека реформите треба да бидат во склад со општите цели на унапредувањето на социјалистичкиот систем со кинески карактеристики.

“Отворањето донесува напредок, а затворањето води во назадување”, нагласил кинескиот претседател.

Набљудувачите се надевале дека Кси ќе ги претстави новите насоки или реформи потребни за помош на кинеската економија, земајќи го во предвид и долгот и намалената потрошувачка, како и фактот дека државниот сектор на големо преовладува, пренесува “Guardian”.

Наместо тоа, неговите зборови биле посветени на доминацијата на владејачката кинеска Комунистичка партија. Поздравувајќи го раководството и стратегијата на партијата, тој ги навел достигнувањата на владата.

Интересно е дека Кси ниеднаш не го спомнал трговскиот судир со САД, кој уште не решен.