Вистински феномен: Легендарниот Бразилец и на 45 години изгледа беспрекорно

217

Легендарниот бразилски фудбалер Зе Роберто, станал фудбалски феномен бидејќи и на 42 години играл професионално, а сега, иако е на прагот на 46-тата година од животот, изгледа беспрекорно.

Поранешниот играч на Баерн ја воодушевил фудбалската јавност со фотографија од тренинг на која изгледа подготвено во овој момент да одигра 90 минути професионален фудбал.

На стомачните мускули му завидуваат бројни активни фудбалери, а судејќи по пораката која Бразилецот ја пратил на бројните фанови, очигледно е дека никогаш немал поголема желба за напорни тренинзи и работа на себе.

“Единствената личност со која треба да се натпреваруваш е вчерашниот ти. Секогаш биди фокусиран. и кога ќе поверуваш дека си го достигнал максималниот потенцијал, знај дека не е така. Секогаш можеш да одиш напред”, порачал легендарниот Бразилец.

Зе Роберто во Реал Мадрид пристигнал во 1997-ма година, но веќе една година подоцна се вратил во Бразил, каде на кратко бил играч на Фламенго.

Неговата авантура во Германија почнала во Леверкузен, каде четири сезони настапувал за Баер, за во 2002-ра година да потпише за Баерн Минхен.

Во меѓувреме има кратка епизода во бразилски Сантос, па тогаш повторно во Баерн со кој конечно се простил во 2009-та година, кога преминал во редовите на Хамбургер.

На залезот на кариерата оставил голема трага во Гремио и Палмеирас, каде ја завршил кариерата во 2017-та година.

За репрезентацијата на Бразил настапувал од 1995-та до 2006-та година, а запишал 86 настапи.