Само неколку часа откако го преживеаја пукањето во нивната редакција, новинари од „Капитал газета“ во Мериленд, САД, дадоа изјави за Си-ен-ен во кои опишаа што се случувало. Фил Дејвис, кој и самиот претходно известувал за вооружени инциденти, кои се сè почеста појава во САД, го раскажал своето ужасно сведоштво на инцидентот во кој беа убиени пет негови колеги.
„Ќе ви кажам, кога почна сè настана паника“, рекол Дејвис и додал дека низ глава му поминувале овие мисли „Сите ли ќе умреме? Зарем нема да си оди додека не нè види сите мртви?“
Неговата колешка Сан Фелис на прашањето на новинарот како се чувствува одговорила: „Гледав како некој умира, така што не сум добро. Слушнав дека претседателот Трамп испраќа молитви. Не се обидувам да политизирам, ОК? Но, ни треба повеќе од молитва. Ги ценам молитвите, се молев цело време под масата. Ги сакам вашите молитви, но сакам и повеќе од тоа“, рекла новинарката.
„Колку долго ќе се зборува за ова? Помалку од една недела? Ќе ни треба нешто повеќе од неколку дена медиумско известување и нечии мисли и молитви затоа што нашите животи се уништени. И затоа, ви благодарам за молитвите, ама ме заболе за вашите молитви ако нема ништо друго“, рекла Фелис.
Напаѓачот е идентификуван како 38-годишниот Џарод Рамос. Тој намерно ги оштетил врвовите на прстите пред нападот за да ѝ отежни на полицијата да го идентификува. Но, полицијата го идентификувала користејќи ја технологијата за препознавање лица во базата на пасоши и возачки дозволи. По масакрот што го извршил со сачмарка тој се криел под маса во една од просториите од зградата.
Убиецот Рамос на својот профил на „Твитер“ со години пишувал текстови против „Капитал газаета“. Во 2012 година поднел тужба за клевета против Ерик Хартли, поранешен колумнист, и Томас Маркард, тогашниот уредник и издавач на „Капитал газета“. Судот во Мериленд во 2015 година донел пресуда во корист на весникот и новинарот. Инаку, било објавено дека Рамос малтретирал жена преку „Фејсбук“ и признал дека е виновен за кривично дело „вознемирување“. Судот се согласил дека содржината на статијата е точна и се заснова на информации од јавен карактер.