Состојбата на медиумите во Западен Балкан, за жал, и покрај сите укажувања, според индексот на „Репортери без граници„, може да се опише накратко како „загрижувачка или сериозно загрижувачка“, дека трендот на ширење „шокантни“ вести – дезинформации, како на национално така и на регионално ниво, е најголем поткопувач на демократските, реформските и на евро-атлантските аспирации на регионот, рече министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на РОС-РОТ семинарот, во Собранието на Република Македонија.
Исто така, потенцираше и дека активната соработка на медиумите од регионот во насока на запознавање со состојбите во соседните држави е најголем непријател на лажните вести.
„Лажните вести не се само фраза, туку сурова реалност. Тоа е ефект што го гледаме секојдневно по медиумскиот простор, со екстремен пик на дигиталниот простор. Таму информациите се пласираат, се појавуваат и исчезнуваат фреквентно, најчесто без трага, без можност за проверка на фактите и без исклучок со наслови специфично осмислени да бидат мамка за кликови. Најчесто наменети за да дискредитираат личности, заедници, општества“, рече Поповски.
Како пример го спомена случајот со новинарката Џенет Кук од прочуениот „Вашингтон пост“, која во раните 80-ти толку успешно ја пласирала својата сторија за 9-годишно дете зависник од хероин кое живее под мост со родители исто така зависници, за што доби дури и Пулицерова награда за трудот. Но, детето никогаш не беше најдено, наградата беше повлечена, дамката на весникот остана.
Видовме, рече тој, не само деновиве туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување.
„Затоа, како Влада, повеќепати повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање“, рече Поповски.