(Видео) Господ ми даде сила, ја фатив за уши и успеав да ја турнам мечката

145

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, се сретна и разговараше со повредениот Цане Србиновски, 61-годишник, жител на село Дреновци во Општина Долнени, кој претрпе опасен напад од мечка на Бабуна, во поширокот атар на селото Оморани во неделата.

Србиновски раскажа како се случил нападот и како успеал да се спаси.

„Беше Благовец, го терав добитокот и едно време пред мене излезе мечка. Ме грабна за ногата и паднав на грб. Кога паднав, носев чизми. Ме фати преку чизмата и немаше што да правам. Не знам како се извлеков. Со десната нога ја мавнав и ме пушти, па пак ме фати за нога, а ја повторно ја удрив. Ми даде Господ сила, ја грабнав за уши. Ја држев можеби пола саат. Се исплашив ја држев. Потоа ја турнав и одма станав. Ме гледаше и заминав до колиба, нозете ми се укочија. Вечерта немаше никој, дури во понеделникот децата ме најдоа“, раскажа Србиновски.

Ангелов му рече дека ЦУК се обидува да го реши проблемот со мечките, кои ги има во поголем број. Нашата цел, рече Ангелов, не ни е да ги убиваме мечките, но оние кои напаѓаат треба да се отстранат.

Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, рече Ангелов.