Од денеска започнува полицискиот час кој ќе трае од 20 часот па до 05 часот наутро. Министерот за здравство Венко Филипче смета дека дополнителни рестрикции ќе дадат резултат, посебно пред големите верски празници.
„Мерките дадоа ефект во многу градови. Нема да издржиме ако се опуштиме пред верските празници, како што беше случај лани. Сметаме дека треба таква рестрикција, со цел за да се намали притисок врз болниците”, вели Филипче.
Министерот додаде дека мерките никогаш не биле носени на политичка основа.
Вчера беа вакцинирани близу 2.500 граѓани, а пријавени за вакцинација беа 2.800 граѓани, кажа Филипче, одговарајќи на новинарско прашање колкав е бројот на граѓани и на здравствени работници кои го откажуваат терминот за вакцинација.
“За здравствените работници можам да кажам дека интересот за вакцинација е огромен, а тоа го докажува и процентот од над 90 отсто вакцинирани и ревакцинирани здравствени работници. Во поглед на интересот кај граѓаните, пак, вчера беа вакцинирани околу 2.500 лица, а пријавени беа вкупно 2.800 граѓани. Процентот на луѓе кои го откажуваат терминот е околу 20 отсто. Возрасните граѓани ќе бидат повикувани преку матичните лекари, а преку системот на закажување и пријавување во институциите ќе се зголемува и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски“. Оптимумот, бројот кој сакаме да го постигнеме е да имаме околу 7.000 вакцинирани граѓани на ден. Би можело тоа и да се зголеми, меѓутоа одиме чекор по чекор. Сепак ова е нов систем и сакаме добро да функционира. Вчера немаше никаков проблем и се надевам така ќе продолжи и во следниот период”, истакна Филипче.
Мерките против коронавирусот не се поврзани со одложувањето на пописот
Никогаш досега мерките за заштита од коронавирус не биле политички мотивирани и секогаш се носеле заради заштита на здравјето на граѓаните, уверуваше денес министерот за здравство, Венко Филипче. Тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека прогласувањето на мерките не е поврзано со одложувањето на пописот.
„Никогаш досега, од лани, кога почнавме во воведување мерки, никогаш мерките не биле политички мотивирани, секогаш беа заради заштита на здравјето на граѓаните. Сакаме да спречиме дополнително комплицирање на ситуацијата кое очекуваме да се случи за време на празниците, како што беше лани. Тоа нема да можеме да го издржиме и тоа е причина зошто сега во пресрет на празниците воведуваме мерки. Таква мерка треба за да се намали притисокот на болниците“, рече министерот Филипче.
Денешната бројка на новозаболени, министерот соопшти дека е околу 1.200, што според него укажува на намалување и е уште еден доказ дека досегашните мерки даваат резултат.
Критична е состојбата во Куманово, Битола, Кичево и Тетово. Министерот тврди дека во сите градови има слободни болнички кревети, а онаму каде што во одреден момент ќе се исполни капацитетот, пациентите се препраќаат во соседните градови или, пак, во Скопје.