Горан Пандев, најдобриот македонски фудбалер, го крена гласот против Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и најави дека доколку нема промени ќе се повлече од инвестирање во „пандевци“, а коментарот на сопственикот го коментира и тренерот Александар Васоски.
Некогашниот македонски репрезентативец не зазема страна, но вели дека ако се гледа објективно, Горан Пандев со право е лут затоа што сега во распоредот настанала голема каша. Имено, Академија Пандев скоро петнаесет дена ќе биде без официјален натпревар, ќе мора да бара алтернативи да се држи во ритам…
„Го разбирам револтот на Горан Пандев, оправдана е реакцијата, затоа што немаше никакви услови да се игра фудбал. Има назначен делегат, нема зошто да се прашуваат Академија Пандев или Работнички дали да се игра меч, тој е таму поставен да донесе одлука и да процени што е најдобро за фудбалот. Фала Богу, не се повреди никој, а некој можеше да настрада. Горан затоа се нервира, тука вложува, сака резултат и успех за фудбалот. Не заземам никаква страна, но која е работата на надлежните во Федерацијата, ако не се направи проценка дека според најавите викендов следи снежен бран, па да се помести целото коло ден порано, или целосно да се одложи… Направивме една голема каша. Сега ќе имаме ние скоро 15 дена пауза. Некои ќе играат, ние ќе чекаме. Направивме една кармакаша која може да не исфрли во целост надвор од ритам. Воопшто не беше коректна одлуката, или, се мислеше само како да се одигра натпреварот и тоа е тоа. Мислиме на ЕП, ама во меѓувреме не го средуваме сопствениот двор“, ни изјави Васоски.
Академија Пандев во следните две седмици ќе бара алтернатива за да се одржи во форма и се разгледува можност за играње на најмалку еден пријателски натпревар.